Spletna poslovalnica

Глобален берзански преглед - мај 2018

Раст на глобалните берзи во месец мај. Предничат американските компании со речиси 6% на месечно ниво, сметано по MSCI индексот, изразен во евра. Акциите пак на европските компании благо поевтинеа
На американските пазари најголем раст остварија акциите на компаниите од технолошкиот сектор. Од друга страна, намалување бележат добавувачите и финансискиот сектор. На макро план, месецот го одбележаа воведените увозни давачки за челикот и алуминиумот кон Канада, Мексико и земјите од ЕУ.  Овој потег само ја заострува трговската војна на САД со остатокот од светот и реално е за очекување наскоро да бидат воведени и реципрочни мерки. Повисоките цени на челикот ќе ја намалат куповната моќ на крајните потрошувачи. Негативни импликации се очекуваат и во секторот на градежништвото кое е најголем потрошувач на челик.

Приносот до достасување на американската 10-годишна обврзница на крајот од месецот изнесуваше под 3%. Очекуваниот принос е намален како резултат на зголемената побарувачка за нискоризични инструменти во кои инвеститорите ги пренасочуваат своите средства во периоди на зголемена несигурност.
  
Согласно последно објавените податоци, стапката на невработеност е 3,9%, што е најниско ниво во последните 17,5 години. Во последната година рекордно е зголемено и нивото на инфлацијата, со што сегашните 2,5% претставуваат ниво кое ја задоволува централната банка, па на јунското заседание се очекува повторно зголемување на референтните стапки.

Од другата страна на Атлантикот, европските берзи се движеа во спротивна насока. Најголем пад е забележан на италијанската берза. Италијанскиот MSCI индекс за еден месец загуби речиси 10%. По првичниот неуспех за составување на влада, претседателот Matarella им го додели мандатот на евроскептичните партии Лига и Движење 5 ѕвездички. Некако премолчано се зголеми и очекуваниот принос на италијанските државни хартии од вредност. Ова ќе ги зголеми буџетските расходи по основ на камати, кои ќе заземат уште поголем дел од државниот буџет, во ситуација кога државниот долг надминува 130% од бруто домашниот производ.  Под знак прашалник е и политичкиот врв на Шпанија, кадешто поради корупциски скандал дојде до смена на премиерот.

Агрегатниот PMI индекс (The Purchasing Managers' Index), кој го мери нивото на оптимизам кај реалниот сектор, изнесуваше 54,1 поени, што е најниско ниво годинава. Од друга страна довербата на потрошувачите останува на високо ниво.

Во последните месец дена еврото загуби повеќе од 3% од својата вредност во однос на доларот. 

Помеѓу пазарите во развој најмногу пораснаа акциите од Кина и Русија, додека бразилските загубија повеќе од 13% што како последица предизвика и пад на домашната валута – реалот.

Поскапување имаше и кај цената на суровата нафта. Барел северноморска сурова нафта се тргуваше за речиси 80 долари. Пазарите се во очекување на предвремено зголемување на производството во државите на ОПЕК и Русија.  

Преглед по региони (во евра)

Регион

Индекс

Промена во месец мај

3 месеци

1 година

Глобално ниво

MSCI All Countries

3,50%

2,73%

5,62%

Западна Европа

MSCI Europe

-0,64%

0,93%

-1,83%

САД

MSCI US

5,94%

4,61%

7,97%

Пазари во развој

MSCI BRIC

1,50%

-1,41%

14,83%

Балкан

Stoxx Balkan ex TR&GR

-3,35%

-0,93%

-2,42%

Обврзнички пазар

iBoxx Europe

-0,76%

0,05%

0,39%

Сооднос EUR/USD*

-3,19%

-4,11%

3,99%

* Позитивната вредност означува раст на еврото

НАПОМЕНА: Изнесените податоци се од информативен карактер и не содржат инвестициска препорака за вложување во некој од фондовите под управување.
Вложувањата во акциски фондови подлежат на одреден пазарен ризик. Вредноста на уделите може да расте или опаѓа во зависност од тековните состојби на пазарите на капитал. 
Пред донесувањето на одлука за вложување, секој потенцијален инвеститор е должен внимателно да ги прочита одредбите од Проспектот и Статутот на фондот во кој има намера да вложи средства, со цел да дознае за каков вид на вложување станува збор, како и за ризиците поврзани со вложувањето во тој фонд.
Друштвото за управување се извинува за евентуалните грешки при подготовката на месечниот глобален берзански преглед. 


Назад
ЗА ДРУШТВОТО
КАТАЛОГ
ЕДУКАЦИЈА
НОВОСТИ
КАЛКУЛАТОР
Регистрација за е-весник
Brezplačni telefon 080 80 24