Spletna poslovalnica

Инвестициски фондови – за што би можел да ги користам? Како да направам добар избор?

Постојат луѓе, кои иако незадоволни од каматните стапки за своите депозити, сепак не се одлучуваат за вложување во фондови, пред сѐ поради прашања од типот: „Дали тоа би било исплатливо за мене? На кој начин да го одберам правилниот фонд?.“ Причината поради која се држат цврсто за банките е што поинаков начин на штедење им се чини недоволно познат и премногу рискантен.

„Ако го споредиме влогот во инвестициски фонд со класичниот депозит,
основната разлика би била во начинот на пресметување на заработката.“

А животот е полн со ризици или да ги наречеме поедноставно - непријатни изненадувања. Секогаш постои веројатност работите да не се развиваат во насоката во којашто сме посакувале или на начинот на кој сме си ги замислувале.

Сепак, за одредени работи имаме чувство дека е посигурно да не се случат, па за нив велиме дека постои помал ризик. На пример, ретко кој очекува возачите на градските автобуси со долгогодишно искуство зад себе, да направат повеќе сообраќајни незгоди во текот на годината, во однос на младите, адреналински зависни момци кои неодамна го положиле возачкиот испит.
  
Истиот принцип важи и кај вложувањето во фондови. Постојат фондови со повисоко и пониско ниво на ризик. Важното е да се напомене, дека како и за сѐ друго во животот, 100% гаранција не постои никаде, па дури и традиционалните штедачи се соочуваат со ризикот од обезвреднување на своите заштеди, поради ниските каматни стапки. 100 евра денес во однос на 100 евра пред една година не вредат исто, тоа сите го знаеме. Доволно е само да ги погледнеме цените на бензините.
 
Ако го споредиме влогот во инвестициски фонд со класичниот депозит, основната разлика би била во начинот на пресметување на заработката. Кај депозитите, тоа е договорен процент помеѓу клиентот и банката, се нарекува каматна стапка и истата е објавена, односно му е позната на штедачот пред склучувањето на договорот за депозит. Она што останува како ризик во однос на првично договорените услови е банката да го намали процентот на каматната стапка во времетраењето на договорот, доколку каматната стапка била договорена како променлива.

Кај инвестициските фондови не постои однапред договорен процент на заработка, ниту пак гаранција за главницата на влогот. Остварената добивка од вложувањето се нарекува принос, а вложувачот може да утврди колкава стапка на принос остварил дури по завршувањето на договорот за вложување, односно по повлекувањето на вложената заштеда. Остварениот принос во минатото е од информативен карактер и потенцијалните вложувачи не треба да се раководат само по него при поставувањето на своите очекувања за приносот кој можат да го добијат во иднина.

За сметка на неизвесноста околу висината на заработката од вложувањето, инвестициските фондови со повисоко ниво на ризик можат да донесат далеку повисоки, недпросечни приноси, доколку штедењето во банка и вложувањето во фондови ги споредуваме на долгорочен период.

Поради сето ова, соодветно е да се каже дека штедниот депозит и влогот во инвестициски фонд можат фино да се дополнувааат. Секој индивидуално треба да си процени од што има најмногу потреба. На пример, за заштеда што ја чувам за „не дај боже“, подобро е да си остане во банката, додека за идни потреби како школување на децата или пензионирање, за кои постепено ќе вложувам подолго време, подобар избор би бил инвестицискиот фонд.

И така, полека стигнавме до главната дилема – дали вложувањето во фондови е добро за мене?

Како и за секој друг производ, на пазарот има широка понуда. Па така, можете да бирате помеѓу парични, обврзнички, мешовити, акциски и други типови на фондови, кои се разликуваат помеѓу себе по поставената инвестициска цел и начинот на нејзиното остварување, односно по својата инвестициска политика. Оттука, вложувањето во фондови може да биде соодветно за сите социјални и старосни групи на граѓани.
Кај фондовите со преземено повисоко ниво на ризик, соодветно се очекува и повисок принос, додека кај фондовите со нискоризична политика на вложување, остварениот принос е низок, но стабилен. Поради тоа, грешка е да се генерализира дека вложувањето во фондови е наменето само за лица кои се подготвени да прифатат повисок ризик.

Откако ја разрешивме дилемата дали фондовите се за секого, стигаме до конкретното прашање: Како да го изберам фондот што мене најмногу ми лежи?

Најважниот чекор е да го дефинираме својот вложувачки профил, односно да си расчистиме каков тип на вложувач сме. На тоа влијаат повеќе фактори, од кои ги издвојувам најбитните: Каква е нашата моментална финансиска ситуација и што сакаме да постигнеме за нејзина промена? Колку време ќе си дадеме за реализација на поставената цел? Колкав ризик би прифатиле или поточно со колкава промена во вредноста на заштедата би можеле да се носиме без поголеми проблеми – 5%, 10%, 30% итн.?

Со други зборови, целта е да се почувствуваме доволно сигурни во сопствените способности да го користиме соодветниот финансиски продукт или во конкретниов случај инвестициски фонд. А тоа секој може самостојно да го постигне, само доколку посвети малку повеќе време и внимание – читајќи на интернет каде во денешно време се достапни многу информации или советувајќи се со поискусен професионалец за лични финансии. Како што и големиот Алберт Ајнштајн кажал за себе: „Јас не дека сум нешто многу попаметен од другите луѓе. Само останувам подолго со задачата што сакам да ја решам.“.

За повеќето вложувачи кои на подолг период сакаат да остварат повисока заработка од каматата на банкарските депозити, без притоа да се изложуваат на превисоки ризици, добар избор за почеток е акциски фонд со глобална инвестициска политика, кој вложува во добро познати и развиени компании.
Таков фонд во нашата понуда е КД ТОП БРЕНДОВИ. Овие фондови се сметаат за умерено ризични и претставуваат вистинска комбинација од завидно ниво на сигурност и очекуван принос.

Не дозволувајте вашата незаинтересираност да работи против вас низ животот. Секој е способен да управува добро со сопствените пари и да користи современи финансиски продукти. Од вас се бара само малку да го загреете столчето. Инвестицијата во време за проучување на можностите ќе ви се исплати многукратно.

м-р Маријан Николовски
Директор за односи со вложувачите во КД Фондови АД Скопје

Назад
ЗА ДРУШТВОТО
КАТАЛОГ
ЕДУКАЦИЈА
НОВОСТИ
КАЛКУЛАТОР
Регистрација за е-весник
Brezplačni telefon 080 80 24