Spletna poslovalnica

Подгответе се за различни пристапи

Битен момент кој треба да се прифати при вложувањето е дека не постојат неоспорни правила, ниту пак универзален пристап кој секогаш ги дава посакуваните резултати. Освен тоа, имајќи ја на располагање богатата палета на различни стратегии и стилови на вложување, понекогаш два дијаметрално различни пристапи може да бидат подеднакво успешни.
Едно од толкувањата за појавата на противречности при вложувањето е дека економијата и финансиите се општествени науки. Кај егзактните науки, како физиката и хемијата на пример, постојат прецизни мерки и строго дефинирани правила кои повеќекратно можат да бидат повторени и докажани преку различни експерименти. За разлика од нив, кај општествените науки е невозможно некое тврдење да биде докажано. Луѓето можат да развиваат различни економски теории и модели, но никој досега не успеал да ја подготви економијата во лабораториски услови и да изведе експеримент врз неа.

Всушност, луѓето, коишто се главен предмет на проучување од страна на општествените науки, по природа се многу непревидливи и неконзистентни. Како што за психологот е тешко да предвиди со стопроцентна сигурност на кој начин одредена личност би реагирала во дадени околности, така и за финансискиот аналитичар е речиси невозможно да предвиди како точно ќе реагира берзата (група луѓе) при објава на вести за некоја компанија. Луѓето се емотивни суштества, па колку и да сметаме дека би делувале рационално, најголемиот дел од нивните постапки укажуваат токму на спротивното.

Економисти, академици, истражувачи и аналитичари, портфолио менаџери и индивидуални инвеститори често имаат различни, па дури и спротивставени теории за тоа зошто пазарот  функционира на одреден начин. Одредени мислења е добро да бидат различни, но на крајот на краиштата, тоа се сепак само лични ставови.

Да погледнеме преку следниве примери какви сѐ противречности се судруваат на берзите:

  • Елена верува дека клучот за успешно вложување е во откривањето на мали компании кои имаат потенцијал да растат со екстремно високи стапки. Поради тоа, таа постојано ги следи најновите и најнапредни технологии и обично вложува во технолошки и биотехнолошки компании, кои во одредени случаи не се ни профитабилни. Но, на Елена не ѝ пречи тоа воопшто, бидејќи смета дека овие компании акумулираат голем потенцијал за нагла експанзија.
  • Од друга страна, Александар не се чувствува подготвен да ги вложи своите мачно заработени пари во нешто што му се чини како недокажан проект со голем ризик. Него го интересираат компании кои зад себе имаат историјат на успешно работење и  верува дека трикот при вложувањето е да се „начекаат“ ваквите компании во периоди кога нивните акции се потценети. Според Александар, идеални за вложување се зрели, добро разработени компании кои исплаќаат големи дивиденди. За нив тој смета дека имаат развиено високо ниво на корпоративно управување, што и во иднина би резултирало со континуирана исплата на дивиденда за акционерите.

Според изнесеното во примерите, за кој од двајцата сметате дека е поуспешен инвеститор?

Работата е што не може да се одговори со сигурност. Елена и Александар имаат сосема различни стратегии на вложување, но не постои причина зошто и двата пристапа не би биле успешни. На пазарот постојат голем број на стабилни компании за Александар, исто како што постојано се појавуваат нови претприемачи со иновативни компании и производи кои би ја привлекле Елена. Опишаните приоди се две често користени стратегии за вложување. Кажано со инвеститорски речник, Елена е ловец на капитални добивки, додека Александар е трагач по „сезонски распродажби“ на акции од топ брендови.

Иако на прв поглед делува како овие две стратегии да си противречат една на друга, секоја од нив си има свои позитивни страни и може да содржи аспекти кои се соодветни за конкретен вложувач. Вашата задача е да бидете доволно информирани за да можете да го разбирате и анализирате она што ќе го чуете. Потоа можете да одберете пристап кој најдобро се вклопува во Вашите карактерни особености.

КД Фондови
Повеќе од штедење


ЗА ДРУШТВОТО
КАТАЛОГ
ЕДУКАЦИЈА
НОВОСТИ
КАЛКУЛАТОР
Регистрација за е-весник
Brezplačni telefon 080 80 24