Spletna poslovalnica

Видови на вложувања

Во претходните текстови веќе говоревме дека постојат различни начини како да ги вложите парите. Секако, за да можете да одлучите каков вид на вложување е соодветен за Вас, потребно е да ги проучите нивните карактеристики и да разберете како истите би се вклопиле во остварувањето на конкретна финансиска цел
  • Обврзници
Групирани под општата категорија наречена „инструменти со фиксен приход“, терминот обврзници вообичаено се користи за должнички хартии од вредност. Кога купувате обврзница, вие всушност ѝ позајмувате пари на одредена компанија или на државата. За возврат, тие  се обврзуваат (оттаму и терминот обврзница) да ви исплаќаат одредена камата на вложените пари, а по истекот на договорениот период да ви го вратат и вкупниот износ на позајмицата.

Главната привлечност на обврзниците е во нивното релативно високо ниво на сигурност. Ако купите обврзници кои се издадени и гарантирани од страна на стабилна држава, вашата инвестиција се смета за речиси безризична. Сигурноста и стабилноста сепак имаат своја цена. Бидејќи нивото на ризик е ниско, соодветно и потенцијалниот принос ќе биде низок. Како резултат на тоа, стапката на принос од обврзниците е генерално пониска во однос на останатите хартии од вредност.

  • Акции
Кога ќе купите акции на некоја компанија или сопственички хартии од вредност, како што може да ги нарече вашиот инвестициски советник, вие станувате делумен сопственик на тој бизнис. Тоа ви дава право на глас на акционерското собрание, како и учество во добивката што компанијата им ја распределува на своите акционери. Сразмерениот дел од добивката на акционерското друштво што им се дава на акционерите се нарекува дивиденда.

За разлика од обврзниците кои обезбедуваат стабилни парични приливи, акциите се доста волатилни. Нивната вредност е флуктуирачка на дневна основа. Вложувањето во акции не дава никакви гаранции. Некои компании дури не исплаќаат ни дивиденда, па во таков случај, единствен начин да заработите пари е да ги продадете акциите по повисока цена, што секако може и да не се случи.

Од друга страна, акциите нудат релативно високо ниво на поврат на вложените средства. Цената која треба да ја прифатите за потенцијално повисоката заработка е подготвеноста да загубите дел од вложените средства.

  • Отворени инвестициски фондови
Отворениот инвестициски фонд (нарекуван уште заеднички или взаемен фонд) претставува збирка од повеќе акции и обврзници. При вложувањето во фонд, вие всушност ги здружувате вашите пари со парите на голем број други инвеститори, што на ваквата заедница од инвеститори ѝ ја овозможува услугата на професионален портфолио менаџер (друштво за управување со инвестициски фондови), кој ги анализира и одбира соодветните вложувања во име и за сметка на сите клиенти на фондот. Секој инвестициски фонд се основа со одредена инвестициска политика, па оттука  понудата на различни фондови е голема: за вложувања во големи корпорации, во мали компании, државни обврзници, корпоративни обврзници, комбинации од акции и обврзници, акции само во одредени индустрии, региони итн.

Главната предност на инвестициските фондови е што можете слободно да вложувате, дури и да немате никакво претходно познавање и искуство во тргувањето со хартии од вредност. Праксата докажала дека имате многу поголеми шанси за добар принос доколку му ги доверите своите пари на професионалец, отколку сами да си играте на берзата. Се разбира постојат неколку важни аспекти кои треба да ги согледате пред изборот на фондот во кој ќе вложувате, а на нив ќе се задржиме подетално во некоја од следните статии.

КД Фондови
Повеќе од штедење


ЗА ДРУШТВОТО
КАТАЛОГ
ЕДУКАЦИЈА
НОВОСТИ
КАЛКУЛАТОР
Регистрација за е-весник
Brezplačni telefon 080 80 24