Spletna poslovalnica

Диверзификација и портфолио менаџмент

Финансиските инструменти се разликуваат по своите карактеристики и познавањето на секоја од нив е добра основа за навлегување во теоријата на диверзификацијата и портфолио менаџментот. Она што е понатаму битно е способноста да се разбере како доброто комбинирање на различните видови на вложувања може да ни помогне во реализацијата на посакуваната цел.
Портфолио

Портфолиото всушност претставува комбинација од различни видови на вложувања, коишто меѓусебно се мешаат и дозираат, со цел подобро да одговорат на поставената инвестициска задача. Како состојки за вашето портфолио, можете да изберете недвижности, акции, инструменти со фиксен принос, па и готови пари. За целите на ова поглавје, ние ќе се насочиме кон најликвидните видови на вложувања, односно оние кои најлесно може да се продадат или претворат во пари, а тоа се: акциите, обврзниците и паричните депозити.

Како најлесно да си го претставите портфолиото? Замислете си графикон во форма на пита. Секое парче од питата симболизира процентуален дел од влогот. Комбинацијата која сте си ја избрале ќе го одреди нивото на ризичност и очекуваниот принос од вашето портфолио.

Видови на портфолија

Основната поделба на портфолијата е на агресивни и конзервативни. Секоја комбинација помеѓу овие крајности може да биде наречена балансирано или комбинирано портфолио.

За агресивна стратегија на вложување или креирање на портфолио се смета секоја комбинација од вложувања која нишани кон што е можно повисок принос. Ваквите стратегии се соодветни за инвеститори кои имаат толеранција кон преземањето на поголем ризик (можат да поднесат флуктуации во вредноста на влогот) и си поставиле подолг временски период за реализација на зацртаната цел. По правило, во агресивните портфолија доминираат вложувањата во акции.

Спротивно на нив, кај конзервативните стратегии сигурноста е поставена како највисок приоритет. Погодни се за инвеститори кои имаат аверзија (одбивност) кон преземањето на ризик или пак располагаат со премногу краток временски период за вложување. Конзервативните портфолија обично се состојат од готовина, банкарски депозити и висококвалитетни инструменти со фиксен принос. За сметка на сигурноста, приносот кој го носи конзервативното портфолио е драстично понизок.

Зошто баш портфолио?

Сѐ се врти околу диверзификацијата, односно разноликоста на вкупниот влог, постигната преку неговата распределба во различни класи на финансиски инструменти. Секоја класа прикажува различни перформанси во одреден временски период, па оттаму произлегува логиката дека со нивното миксирање, вкупното портфолио би се заштитило од позначаен удар, предизвикан од загубата во вредноста на поединечна хартија којашто е вклучена во него. На пример, кога вредноста на акциите опаѓа, обврзниците и депозитите се тука за да го ублажат тој пад и да го стабилизираат портфолиото.

Бројни академски студии многукратно ја имаат докажувано значајноста на диверзификацијата. За поедноставување на работите, запомнете ја единствено фразата „Не ги ставајте сите јајца во иста кошница“.

Од сѐ дотука кажано, заклучокот е дека креирањето на портфолио значајно го намалува ризикот од финансиски загуби.
ЗА ДРУШТВОТО
КАТАЛОГ
ЕДУКАЦИЈА
НОВОСТИ
КАЛКУЛАТОР
Регистрација за е-весник
Brezplačni telefon 080 80 24